Шпанскиот ветеран Цеск Фабрегас нема разбирање за навивачите на Пари Сен-Жермен кои неодамна по елиминацијата во Лигата на шампионите со свирежи го дочекаа неговиот поранешен соиграч Лионел Меси.
Во интервју за „Марка“, поранешната ѕвезда на Арсенал и Барселона, кој уште е активен со Монако, оценува дека играч од калибарот на Меси не заслужува таков третман.
„Случајот на Лео е многу едноставен. За мене тој е најдобриот кого сум видел и со кого сум играл. Од него сме виделе само неверојатни моменти. И мене ми свиркаа на ‘Ноу Камп’, а не знам што се случува во ПСЖ, очигледно фановите сакаат да создадат тензија меѓу фудбалерите. Во тек на меч тие ти даваат поддршка, го пеат твоето име, но има и грди моменти како со Нејмар и со Лео. Многу грдо. Се правдаат дека се добро платени и дека губат од Реал Мадрид, но зарем тие не сакаа да победат? ПСЖ немаат освоено ништо, а зборуваме за фудбалер кој само што пристигна. ПСЖ никогаш немале таков фудбалер во историјата. Подобро да бидат благодарни, да го поддржат, а не да го скршат. Оваа година или следната, тој ќе им донесе среќни моменти“, вели Фабрегас.