Велосипедистот на Интерарш-Ванти Гобер, Бинијам Гирмај од Еритреја стана првиот Африканец кој победил на трка од Светската турнеја во велосипедизмот, стигнувајќи до шокантна победа на неделната класична Гент-Вевелгем трка во Белгија.
Гирмај го победи Французинот Кристоф Лапорт (Џамбо Висма) и Белгиецот Дрис ван Гестел (Тотал Енерџис) откако беа дел од групата од шест велосипедисти кои нападнаа на 24 километри од финишот на 248.8 километри долгата трка со која се отвара сезоната на пролетните „класични“ трки.
„Навистина не очекував вакво нешто. Пред неколку дена ја планиравме трката и сакав добар резултат, но ниту на сон не мислев дека можам до победа. Неверојатно“, изјави 21-годишниот Гирмај, кој сега ќе настапи и на Трката околу Фландрија следната недела.