Сер Енди Мареј се повлече од Вимблдон бидејќи смета дека е преризично да игра мечеви во пет сета во овој дел од неговото опоравување од повредата на колкот.
Шкотланѓанецот пропушти 11 месеци по операцијата на колкот, и двократниот шампион од „Ол Ингланд клубот“ се врати на тенисот со настап на Квинс Клаб турнирот пред две недели, кога загуби во првото коло од Ник Кирјос. Оваа недела тој стигна до второто коло во Истбурн, пред да загуби од сонародникот Кајл Едмунд.
„Со тешко срце објавувам дека нема да играм на Вимблдон оваа година. Направив голем прогрес на тренинзите и на мечевите во последните 10 дена, но по долга дискусија со мојот тим, решив дека мечевите во пет сета се премногу во овој дел од опоравувањето. Направив сѐ што можев да се вратам, но сега почнувам со работа на хардкорт подлога за да можам да играм во американската сезона“, вели Мареј.
Фото: ЕПА