Top Sport

„Златниот борач“ на прием во АМС: Егоров ја направи горда цела Македонија

Македонија по 23 години доби европски шампион во борење во сениорска конкуренција. Ова е шести златен медал за Македонија на ЕП, по два освоија Шабан Трстена и Шабан Сеиди и еден Могамед Ибрагимов. По тој повод Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција за златниот медалист Владимир Егоров и другите учесници на Европското првенство во борење, кое се одржа во Будимпешта, Унгарија.

Директорот на АМС, Наумче Мојсовски не го криеше задоволството од присуството на европскиот шампион, но и на младите надежи на македонското борење Алими и Вејсели.

„Егоров по освојувањето на златниот медал го развиори македонското знаме и не направи горди сите спортисти. Ваквите остварувања не задолжуваат нас како Агенција за млади и спорт, во континуитет да бидеме главна поддршка на сите македонски борачи, како во нивниот припремен период, така и на сите настапи на меѓународен план, изиави Мојсовски.

Тој истакна дека за успехот од Будимпешта се заслужни целокупниот тим, од тренерите Бобан Донов и Седет Бафтиу, па се до претседателот на Боречката федерација Бојан Богданов.

„Ниската возрасна граница на нашите борачи кои настапија во Будимпешта влева надеж за уште поголеми успеси во иднината, и продолжување на трендот борењето да остане најтрофејен спорт во државава“, додаде Мојсовски.

Егоров се заблагодари на присутните медиуми потенцирајќи дека се радува и дека му претставува чест што освои златен медал за нашата земја.

„Златниот медал на Егоров, петтото место на Алили, но и одличниот настап на Вејсели даваат надеж за проширување на списокот македонски борачи кои претендираат за настап на следните ОИ, истакна Дејан Богданов, претседателот на Боречката федерација.

Scroll to Top