Шведска со 1:0 ја совлада Швајцарија за да обезбеди четврт-финале на Мундијалот во Русија, каде што ќе се сретнат со подобриот од последното осминафинале, во кое вечерва ќе се „судрат“ Англија и Колумбија.
На „Крестовски“ во Санкт Петербург, двете репрезентации имаа свои шанси, но Швеѓаните повторно покажаа дека се многу опасен тим, кој сега ќе сонува за полуфинале.
Швеѓаните имаа шанса уште во осмата минута, кога Маркус Берг шутираше во шестнаесетникот, а истиот фудбалер и следната минута се најде во опасна ситуација.
Швајцарците полека ја преземаа контролата на теренот и имаа шанси преку Шаќири, кој му даде одлична топка на Дрмиќ во 15. минута. Швеѓаните вратија во 29. минута, кога повторно Берг имаше одличен удар, но голманот добро реагираше.
Џака во 34. минута имаше опасен удар од голема далечина, а во 39. минута, Џемаили имаше совршена шанса, но беше непрецизен. Сепак, најдобрата шанса во првото полувреме ја имаа „викинзите“ откако Екдал утна совршена шанса по нафрлена топка од десната страна.
На стартот на второто полувреме, Швеѓаните „притиснаа“ и имаа одлични шанси преку Тоивонен во 49. и Форсберг во 63. минута.
Резултатот беше „скршен“ во 67. минута, кога Форсберг излезе на работ на шестнасетникот, а неговиот силен удар заврши прво во ногата на Аканџи, а потоа и во голот на Швајцарците.
Швајцарците во последните 15-тина минути „притиснаа“, и имаа шанса преку Емболо во 80. минута, кога Форсберг ја извади топката од мрежата, а во 85. минута и Дрмиќ беше во добра позиција.
Во 94. минута, Ланг добива црвен картон по стартот одзади, а судијата иако прво покажува пенал, по консултацијата со ВАР-системот, решава дека се работи за фаул надвор од шестнаесетникот.
Фото: ЕПА