По 12 години, УЕФА се откажа од правилата за финансиски ферплеј (ФФП) и воведе нови финансиски правила, кои ќе се познати како ФСЦЛР и под кои клубовите ќе можат да трошат до 70 отсто од своите приходи.
Ова беше потврдено по состанокот на Извршниот комитет на УЕФА во Нион, Швајцарија, и ќе биде познато под името Регулативи за финансиска одрживост и лиценцирање на клубовите (Financial Sustainability and Club Licensing Regulations (FSCLR)).
ФФП беше воведено во 2010 во обид да се спречи претераното трошење на клубовите. Сепак, правилата беа постојано критикувани, бидејќи клубовите повторно наоѓаа начини да ги заобиколат.
Сега ФСЦЛР е базирана на три „столба“ – солвентност, стабилност и контрола на трошењето. Солвентноста значи дека клубовите нема да можат да должат на даночните власти, другите клубови или своите вработени, со закана за исфрлање од натпреварувањата на УЕФА, како лигат на шампионите. Стабилноста, пак, одредува колку може еден клуб да биде во загуба – прифатливи загуби се сметаат 60 милиони евра во три сезони, а клубовите кои се во „добра финансиска состојба“ ќе можат да одат во долг уште 10 милиони евра. На крајот, ограничувањето на трошењето значи дека сите трошоци на клубот мораат да претставуваат до 70 отсто од приходите на клубот.