Пари Сен-Жермен се подготвени да му дадат на Килијан Мбапе 150 милиони евра за дополнителни две сезони на „Паркот на принцовите“, но францускиот ас чека Реал Мадрид да ја подобрат понудата, тврди шпанскиот новинар Гијем Балаг, вообичаено добро информиран извор за трансферите.
Договорот на 23-годишниот Мбапе со ПСЖ завршува по крајот на сезоната и се веруваше дека веќе е договорено неговото преминување на „Сантијаго Бернабеу“, но тој постојано одбива да го потврди тоа, а последно изјави дека има „нови елементи“ кои ќе одлучат дали ќе остане во Париз.
„Новите елементи? 150 милиони евра кои ќе му ги дадат ПСЖ во две сезони. Тој сака Реал да плати повеќе, бидејќи тоа е неговата посакувана дестинација. Ниту еден друг клуб не е вклучен“, напиша Балаг на Твитер.
Коментарите доаѓаат откако Карим Бензема, кој вчера постигна хет-трик против Челси, изјави дека Мбапе би бил совршен во „триото“ во нападот на Реал покрај него и Винисиус Жуниор.