Аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона вели дека Колумбијците биле „жртви на монументален грабеж“ во осминафиналниот меч против Англија, согласувајќи се со Радамел Фалкао, кој посочи дека американскиот судија Марк Гајгер направил сѐ Англија да победи.
Колумбија загуби со 4:3 на пенали по 1:1 ремито, и Марадона смета дека пеналот кој Гајгер до доделил за фаулот на Карлос Санчез над Хери Кејн бил апсолутно скандалозен.
„Пеналот воопшто не беше пенал, туку фаул од Кејн. Зошто не користеа ВАР? Лут сум бидејќи кога зборував со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино првпат, тој ми кажа дека сѐ е сменето во ФИА – крадците заминаа, местачите исто така. И сега гледаме монументален грабеж. Се извинувам на колумбискиот народ, но нивните фудбалери не се виновни. Судиите ги бира Пјерлуиџи Колина, кој ја врати старата ФИФА, наместена и украдена“, вели Марадона.
Претходно на Мундијалот, мароканскиот фудбалер Нордин Амрабат тврдеше дека судијата Гајгер го барал дресот на Кристијано Роналдо при мечот од групата Б, нешто што ФИФА го демантираше веднаш.
И Радамел Фалкао беше лут.
„Сите одлуки на судијата беа во корист на Англија. Зошто избраа Американец за судија? Тој зборуваше само англиски и пристрасноста беше јасна. Судијата ни пречеше во играта и ни досуди премногу фаули. Вистинска срамота што ова се случува во осминафиналето на Светско првенство“, изјави Фалкао.