Шефот на судиите во ФИФА, Пјерлуиџи Колина, кој е дел од ИФАБ, телото кое ги одредува правилата на фудбалската игра, зборуваше за потенцијалната сериозна промена пред Светското првенство во Катар, за која смета дека ќе го спаси фудбалот. Се мисли на ефективниот дел од натпреварот, односно судиското продолжување кое на мундијалот во Катар би можело да достигне и до 10 минути, се со цел да се подобри самата игра.
„Денес е прифатливо дека е добро кога ефективното играње фудбал во текот на натпреварот е околу 60 минути. Ние во ФИФА ќе им кажеме на судиите за Светското првенство во Катар како да го надополнат загубеното време дури и по постигнатите голови. Ако во едно полувреме бидат постигнати три гола, просечното славење на тимот трае околу минута и пол, односно пет минути славење и пет минути во кои не се игра фудбал. Ако сакаме да бидеме попрецизни, ќе треба да се подготвиме за временска компензација од девет минути“, изјави Колина.
Италијанецот објасни и на каков начин се губи време во текот на едне фудбалски натпревар.
„Ако ја погледнете статистиката, ќе видите дека некои тимови играат ефективно 52 минути, други 43 минути, а трети 58 минути. Ако сето тоа се собере во текот на една сезона, разликите стануваат големи. Друга работа што треба да се земе в предвид е дека навивачите и на стадионот и во близина на ТВ екранот плаќаат свои пари за да гледаат фудбалски натпревар од 90 минути, но понекогаш гледаат едвај 45 минути игра. Половина од цената на билетот оди за време на неактивност. Го спасивме фудбалот пред 30 години, сега го планираме истото. Во минатото, се трошеше мнопгу повеќе од времето за да се изведе топката од гол-аут. Исто така беше донесена одлука и играчот да не смее намерно да ја шутне топката назад кон голманот, а тој да ја земе во раце, што го направи фудбалот многу поинтересен. И сега размислуваме да направиме нешто слично“, објасни Пјерлуиџи Колина.