Top Sport

Давидовски тестираше на Монца пред почетокот на ТЦР шампионатот

На патеката Монца крај Милано викендов се одржа заедничкиот тест на сите возачи кои се пријавени за настап во 2022 година на Eвропското првенство за возила со ТЦР хомологација.

Македонскиот возач Виктор Давидовски се реши на голем чекор и ја прифати поканата од тимот „Комтују“, каде што се префрла заедно со својот досегашен тимски колега од „ПСС Рејсинг“, Аргентинецот Франко Џиролами.

„Тимот е нов, но целите што ги имаме се добро познати. Сакаме да бидеме меѓу првите десет на квалификациите и на секоја трка да се бориме за пласман на подиумот. Автомобилот е нов, а нови се и инженерите со кои ќе соработуваме. На овој тест се обидовме да се запознаеме подобро и да воспоставиме комуникација која ќе не движи напред, бидејќи во овој момент тие ни даваа информации за новото возило, но следува нашиот дел каде што ние треба повратно да им дадеме информации за тоа какви штелувања сакаме. Првата трка во Алгарве, Португалија е за неполни две седмици и посакувам да успееме да ги постигнеме високите очекувања на овој тим што лани беше вице-шампион, а во 2020 година ја освои титулата“, вели Давидовски.

Во календарот за 2022 година се предвидени седум гранпри викенди, а во секој од нив по две трки. Сезоната започнува на 30. април во Португалија, на патеката Алгарве.

Scroll to Top