Дефанзивецот на Лестер и на англиската репрезентација, Хери Мегвајр го постигна својот прв гол во националниот дрес на голема сцена, обезбедувајќи 1:0 водство во дуелот со Шведска, кој Англичаните на крајот го добија со 2:0.
„Не може да биде подобро од ова! Сега играме полуфинале и ништо друго не е важно. Чувствувавме дека можеме да доминираме со топката, да го контролираме мечот. Второто полувреме не беше најдобро, бидејќи им оставивме многу простор, но на крајот сѐ заврши како што треба“, вели Мегвајр.
Запрашан дали „фудбалот се враќа дома“, Мегвајр со насмевка одговори: „Се надевам!“.
На стрелецот на вториот гол, асот на Тотенхем, Деле Али, пак, е најзаинтересиран какви се реакциите во Англија.
„Работевме напорно заедно за овој успех и патот беше навистина неверојатен. Можам само да замислам каква е реакцијата дома, но единственото подобро нешто од навивањето е играњето за Англија. Мораме да веруваме дека можеме. Јас немав најдобар натпревар, но затоа остатокот од тимот беше солиден. Швеѓаните беа тешки противници“, додаде Али.
Фото: ЕПА