Top Sport

Фудбалот се враќа дома! Англија влезе во полуфинале

„Фудбалот се враќа дома“. Оваа изрека веќе подолго време е актуелна во Англија по неочекуваниот успех на нивната фудбалска репрезентација на Мундијалот во Русија, и сега ги делат само два меча до првата титула од 1966 година, откако со 2:0 ја минаа и незгодната Шведска во четврт-финалето во Самара.

Англичаните покажаа дека не се само тим на Хери Кејн, откако Хери Мегвајр и Деле Али ги постигнаа двата гола, а вистински херој на натпреварот беше најскапиот голман во Премиер лигата, Џордан Пикфорд, кој имаше низа фантастични одбрани за да ги остави „трите лава“ во игра во текот на целиот меч.

Англија последен пат играше во полуфиналето на едно Светско првенство играа пред 28 години – во Италија во 1990 година, кога по 1:1 во регуларниот дел загубија на пенали од Западна Германија (која подоцна стана светски шампион).

Сега, Англичаните го очекуваат својот противник во полуфиналето кој ќе биде познат вечерва по мечот Хрватска-Русија (20 часот). Во другото полуфинале се Франција и Белгија.

Почетокот на мечот не ветуваше многу, откако Швеѓаните се задоволија да чекаат шанса за контра-напад на својата половина, а тимот на Герет Саутгејт беше премногу внимателен.

Англија го имаше првиот обид кон противничкиот гол дури во 20. минута, кога Стерлинг со убав пробив му дава топка на Кејн, кој удира силно, но топката поминува покрај дирекот на голот на Олсен.

Во 30. минута, Англија доаѓа во водство со голот на високиот Хери Мегвајр. Ешли Јанг изведува корнер, а фудбалерот на Лестер, Мегвајр (194 сантиметри) е повисок во скокот од Форсберг со силен удар да го матира шведскиот голман.

Англија беше „охрабрена“ од голот и почесто се наоѓаше во шанса до крајот на полувремето. Стерлинг во 41. минута повторно покажува колку е брз, и го наоѓа Али, чиј удар завршува во блокот. Во 45. минута, Стерлинг повторно беше во одлична позиција, откако излезе сам пред шведскиот гол, и наместо да додаде до Кејн, се обиде да шутира.

Швеѓаните второто полувреме го почнаа со фантастична шанса во 47. минута, кога по нафрлањето на Аугустинсон, Берг со глава го погодува долниот лев агол на голот на Англија, но Пикфорд има фантастична одбрана.

Набргу стигнува студен туш за „трите круни“ – Лингард нафрлува, а Деле Али ја избегнува офсајд-стапицата и лесно зголемува на 2:0.

Во 63. минута, Пикфорд пак ги „спасува“ Англичаните. Клаесон со силен удар од десетина метри центрира во десниот долен агол на голот, но голманот на Евертон повторно е на висина на задачата.

Англија се закани во 66. минута, кога топката од корнер Хендерсон ја додава до Мегвајр, кој овојпат со нога не е толку прецизен. Швеѓаните во 72. минута пропуштаат уште една голема шанса, а виновник пак е Пикфорд. Берг од десетина метри шутира под пречката, но Пикфорд има фантастични рефлекси.

Scroll to Top