Одлуката фудбалерите на Баерн Минхен да заминат на Ибица по саботниот 3:1 пораз од Мајнц во Бундеслигата предизвика бура реакции кај нивните фанови и во германската јавност, иако Баварците веќе ја освоија титулата.
Една недела откако ја осигураа 10-тата круна во низа во Бундеслигата, победничката серија дојде до крај откако Мајнц го декласираа тимот на Јулијан Нагелсман, но по ова клубот реши да отпатува на шпанскиот остров на двонедневна „екскурзија“, нешто што го налути легендарниот Лотар Матеус.
„Тоа воопшто не е во ред, посебно по ваков натпревар. Да победеа против Мајнц, ќе кажев, нека останат три дена на Ибица. Но, вака се нарушува имиџот на Баерн Минхен. Фановите се лути, тие одат на одмор“, вели Матеус.
Директорот на клубот, Хасан Салихамиџиќ, пак, ја бранеше одлуката на клубот.
„Минатата недела фудбалерите не информираа дека би сакале да ги поминат слободните денови заеднички на Ибица. Го прифативме тоа како тим-билдинг. Како фудбалер, научив дека стануваш посилен по секој пораз. Затоа е ова групно патување“, вели Салихамиџиќ.