Додека топ 8 носителките веќе се во аут, седумкратната шампионка од Вимблдон го доби дуелот на тениските мајки на „Централниот терен“ против Русинката Евгенија Родина со 6:2/6:2 за пласман во четврт-финалето на нејзиниот омилен турнир.
36-годишната Американка немаше проблеми против Родина, која исто како Вилијамс ја тера тениската кариера покрај тоа што е мајка, и стигна лесно до својата 90. сингл победа на „Ол Ингланд клубот“, потврдувајќи дека таа е апсолутната фаворитка за трофејот. Следна за Серена е Италијанката Камила Џорџи, која ја совлада Екатерина Макарова со 6:3/6:4.
„Јас сум перфекционист и секогаш ќе најдам нешто што не чинеше во мечот. Денеска беше многу потешко отколку што покажува резултатот“, вели Вилијамс, која нема загубено на Вимблдон од 2014 година и сега има 18 победи во низа.
Рафаел Надал, пак, се квалификуваше во своето прво четврт-финале на Вимблдон од 2011 година, победувајќи го Јиржи Весели со 6:3/6:3/6:4 по час и 53 минути игра, за да дојде до фантастичмни 34 победи во 36 меча во 2018 година. Тој исто така го помина Иван Лендл со своето 35. гренд слем четврт-финале и сега е на едно помалку од Андре Агаси.
Надал сервираше со 68 отсто и го држеше мечот под контрола, губејќи само 17 поени на свој сервис, за да апсолутна контрола. Следен за него е Хуан Мартин дел Потро или Жил Симон.
Ако го помине четврт-финалето, тогаш го чека можен дуел со Новак Ѓоковиќ во полуфиналето, пред потенцијален дуел со Федерер, што била реприза на финалето од 2008 година.
Фото: ЕПА