Хрватската тениска легенда Горан Иванишевиќ во интервју за „Би-би-си“ јасно посочи дека англиските навивачи се арогантни кога мислат дека ќе ја победат лесно Хрватска за место во финалето на Мундијалот.
Англичаните ќе се судрат со „коцкестите“ во среда со надеж дека ќе стигнат до финалето на СП само вторпат во историјата, и првпат од 1966 година. Во Англија има вистинско „фудбалско лудило“, со јасната порака: „фудбалот се враќа дома“. Поранешниот шампион од Вимблдон, Иванишевиќ, кој во епско полуфинале во 2001 ги скрши британските срца со победа над Тим Хенман, вели дека е арогантно да се мисли дека се во финалето.
„Се надевам дека нема да загубиме од Англичаните, бидејќи вие веќе сте во финалето. Вие веќе победивте. Вие доаѓате дома. Го носите трофејот… Толку сте арогантни. Вие сте најдобрите, најубавите. Се враќате дома, но се надевам не со трофејот“, вели Иванишевиќ.
Пред да може да гледа фудбал, 46-годишниот Иванишевиќ, кој како тинејџер играше и фудбал за Хајдук, ќе мора да гледа малку тенис, бидејќи е тренер на Канаѓанецот Милош Раонич, кој игра четврт-финале на Вимблдон против Американецот Џон Изнер.
„Се надевам дека ќе игра порано, па ќе бидеме во паб со другите Англичани. Јас ќе останам последен и ќе се смеам“, вели Иванишевиќ.