ЦСКА Москва, Зенит Санкт Петерсбург, Динамо Москва и ПФЦ Сочи поднесоа жалба пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС) во обид да ја поништат одлуката со која се исфрлени од европските натпреварувања следната сезона.
„Клубовите бараат брза одлука на жалбата и очекуваме сите спортски принципи да бидат почитувани и уважени“, велат во соопштението на ЦСКА Москва.
Руските репрезентации и клубови добија суспензија од меѓународните турнири кога ФИФА и УЕФА решија да ја следат препораката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) на крајот на февруари по војната во Украина, по што на Русија не и беше дозволено да игра бараж против Полска за пласман на СП, а женската репрезентација беше исфрлена од ЕП во Англија, иако веќе беа квалификувани.
УЕФА ги обнови суспензиите на 2 мај, исфрлајќи ги руските и белоруските репрезентации и клубови од сите свои натпреварувања. На две кола пред крајот на сезоната, Зенит веќе ја потврди титулата, а Динамо, Сочи и ЦСКА се во позиции кои носат пласман во Лига Европа.