Капитенот Лоренцо Инсиње имаше емотивно збогување со навивачите на Наполи, за потоа да постигне и гол при 3:0 победата над Џенова, резултат кој го остава поранешниот тим на Горан Пандев пред преселба во понизок ранг.
Инсиње, кој потпиша договор со Торонто ФЦ во американската МЛС лига за следната сезона, доби подароци од своите соиграчи и од газдата Аурелио де Лаурентис пред почетокот на мечот, и овации од домашната публика. Кога започна мечот, тој со капитенската лента го предводеше тимот до победа која немаше големо резултатско значење за клубот о Неапол – третото место на табелата и пласман во Лигата на шампиони веќе беше обезбеден.
Виктор Осимен во 32. минута ги донесе „партенопеи“ во водство, за Инсиње да добие шанса да постигне гол во 65. минута по досудениот пенал и да не згреши од белата точка. Станислав Лоботка во 81. минута со гол од слободен удар стави точка на мечот, по што Инсиње беше повлечен од игра, а на неговото место влезе македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.