Таткото и агентот на Лионел Меси, Хорхе Меси ги демантираше шпекулациите дека аргентинската ѕвезда се договорила за трансфер во Интер Мајами во 2023 година, во зделка во која ќе купи 35 отсто од акциите во клубот во сопственост на Дејвид Бекам.
Меси потпиша двегодишен договор со ПСЖ минатото лето по шокантното заминување од Барселона по 778 натпревари, но имаше потпросечна сезона со 11 гола во 33 меча за францускиот тим. Аргентинските медиуми тврдеа дека по заминувањето од ПСЖ, тој ќе се пресели во САД во зделка со МЛС клубот на Бекам. Меси Сениор за „Ле паризиен“ ги демантира тие вести.
„Лео уште не одлучил за својата иднина. И ако Лео Меси се сретнал со Дејвид Бекам неодамна, тоа беше дел од престојот на ПСЖ во Доха, каде што Англичанецот е амбасадор за Светското првенство“, изјави Хорхе Меси.
Меси се сретна со Бекам во понеделникот во Катар, каде што ПСЖ се на турнеја по крајот на францускиот шампионат.