Top Sport

Перез им соопштил на играчите дека Мбапе нема да дојде во Реал

Фудбалскиот свет со нетрпение очекува Килијан Мбапе да ја соопшти одлуката, каде ќе ја продолжи кариерата. Францускиот ас, по завршувањето на сезоната ќе биде слободен играч. ПСЖ и Реал Мадрид се тркаат за неговиот потпис.

До пред некој ден се чинеше дека Мбапе ќе се пресели во Мадрид, но според новинарот Гиљемо Балага, на „Сантијаго Брнабеу“ не се сигурни дека ова ќе се случи.

Балага тврди дека претседателот на Реал, Флорентино Перез, токму тоа им го кажал на играчите на „кралскиот клуб“ во соблекувалната по синоќешниот натпревар против Бетис.

„Само што ми кажаа дека Флорентино Перез вечерва во соблекувалната им рекол на играчите дека Мбапе НЕМА да дојде. Да почекаме и да слушнеме што ќе каже Мбапе пред да потврдиме нешто“, напиша Балага на „Твитер“.

Последната информација која ја откри мајката на Мбапе е дека двете понуди на Реал и на ПСЖ се сосема исти. И дека самиот Килијан ќе треба да ја реши дилемата каде ќе ја продолжи кариерата по 30 јуни: дали ќе го исполни детскиот сон и ќе потпише за Реал или ќе остане во својата татковина, да се обиде на „светците“ да им го донесе првиот трофеј во Лигата на шампионите во историја.

Никој не ја спомнува понудата на Ливерпул, кој наводно се вклучил во трката. Очигледно, колку и да се моќни, „црвените“ не можат финансиски да му парираат на богатиот ПСЖ, ниту пак на Реал.

Сепак, конечното решение на оваа сапуница, која предолго трае, треба да се слушне во недела, кога Мбапе најави на светот ќе му ја соопшти својата одлука.

Scroll to Top