Последно коло во англиската Премиерлига, а борбата за титулата се уште е отворена. Манчестер Сити денеска ќе се обиде да ја задржи предноста од еден бод во однос на второпласираниот Ливерпул и на тој начин да ја одбрани титулата. За тоа најверојатно ќе му биде потребна победа над Астон Вила.
Ливерпул ќе демне грешка на „граѓаните“ и ќе се обиде да го освои третиот трофеј оваа сезона.
За Ливерпул да има шанса за титулата, мора да ги победи Вулверхемптон на домашен терен. Мора да се надева и дека Манчестер Сити на домашен терен нема да ја победи Астон Вила, клуб чиј тренер е легендата на Ливерпул, Стивен Џерард, а на теренот меѓу другите го предводат поранешните играчи на Ливерпул, Фелипе Кутињо и Дени Ингс.
Интересна е ситуацијата во која Астон Вила ќе заработи доколку Сити стане шампион. Имено, во скапиот трансфер на Џек Грилиш од Астон Вила во Сити минатото лето беше вметната клаузула според која клубот од Бирмингем ќе добие 18 милиони евра доколку тимот на Гвардиола стане шампион.
„Ќе направиме се за да освоиме бодови против Сити овој викенд, но пред се поради мојот сегашен клуб и нашите навивачи“, изјави Стивен Џерард.
Во лудиот развој на ситуацијата, можеби ќе му биде доволен бод на Ливерпул, но тогаш би морал да го поддржи и пораз на Сити со повеќе од шест разлика. Уште полуда теорија е дека Сити би загубил со 6:0, а Ливерпул и Вулверхемптон би одиграле 5:5. Тогаш, по ова коло немаше да се знае шампионот, а Манчестер Сити и Ливерпул ќе одиграат уште еден екстра натпревар за титулата.
Ќе биде интересно да се гледа и борбата за четвртото место кое води во Лигата на шампионите. Тотенхем на гостувањето кај Норич сака да ја задржи предноста од два бода во однос на петтопласираниот Арсенал, кој го пречекува растоварениот Евертон.
На дното на табелата за опстанок во лигата се борат Барнли и Лидс Јунајтед, а една од две екипи ќе мора да испадне. Моментно имаат ист број бодови, но Барнли има многу подобра гол-разлика, па Лидс ќе мора бодовно да ги надмине. Барнли во последното коло го пречекува Њукасл, а Лидс е домаќин на Брентфорд.