Манчестер Сити го реши прашањето за нов напаѓач со ангажманот на двајца талентирани голгетери. На „Етихад“ доаѓаат Ерлинг Халанд и Џулијан Алварез, но тоа не значи и дека Пеп Гвардиола со тоа ќе го затвори списокот на нови имиња. Раководството на „граѓаните“ најави уште засилувања за претстојното лето.
Ветеранот Фернандињо го напушта клубот и потребна е замена, а Калвин Филипс делува како природен наследник на Бразилецот. Се споменува и Енцо Фернандез, кој во моментов е се уште поблиску до Милан, додека Пол Погба веќе не е реална опција.
Медиумите на Островот ги најавуваат и капитенот на Саутемптон, Џејмс Ворд-Праус и играчот од средниот ред на Челси, Мејсон Маунт, како можни опции за старо-новиот англиски првак.
Пеп Гвардиола особено го цени и квалитетот на Марк Кукуреља, кој блесна во Брајтон и се гледа како замена за Зинченко, кој најверојатно ќе го напушти клубот.
На излезната врата од „Етихад“ би можеле да бидат Габриел Жесус, Рахим Стерлинг, Илкај Гундоган, па дури и Ријад Марез, со оглед дека влегуваат во последната година од договорот.