Англискиот премиерлигаш Челси е се поблиску до договор со крилниот напаѓач на Барселона, Осман Дембеле. На Французинот му истекува договорот и тој треба да одлучи каде ќе ја продолжи кариерата. Интересот за него е голем и тој треба да разгледа неколку предлози, вклучително и од неговиот сегашен клуб Барселона, кој прави се што е во негова моќ да го задржи на „Камп Ноу“.
Според „Мундо Депортиво“, сепак, играчот наскоро ќе се упати на „Стемфорд бриџ“.
За 25-годишниот фудбалер се заинтересирани и Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Јувентус и Пари Сен Жермен. Во оваа фаза, сепак, Челси е најупорен и важи за фаворит за привлекување на Французинот.
Челси веќе има нов сопственик, откако американскиот конзорциум на чело со милијардерот Тод Боли ги купи акциите на клубот од Роман Абрамович. Ова ќе им ги отвори рацете на лондончани, кои ќе можат сериозно да се активираат на трансфер пазарот. Една од првите желби на менаџерот Томас Тухел е токму Дембеле. Тие двајца веќе соработуваа во Борусија Дортмунд во сезоната 2016/17.