Top Sport

Левандовски се премислува, ништо од трансферот во Барселона

Роберт Левандовски се премислува и по се изгледа нема да го реализира трансферот во Барселона. Германските и шпанските медиуми пишуваат дека, по изјавата на првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас, тој наеднаш се „оладил“ од очекуваниот трансфер.

„Барселона многу добро знае какви се правилата на Ла Лига и каква е нивната финансиска состојба и што треба да направат за да доведат нови играчи. Не знам дали ќе го продадат Де Јонг или Педри, но знаат што треба да направат. Треба да ги зголемат приходите. Клубот последните години акумулираше загуби кои можеше да ги избегне доколку ги скалираше парите, како што тоа го праваше Реал. Наместо да го прави тоа Барселона ја празнеше касата. Затоа сега не може да го регистрира Левандовски“, изјави Тебас минатата недела.

На оваа изјава реагираше претседателот на Барселона, Џоан Лапорта.

„Тебас треба да се воздржи од вакви коментари дали Барселона може или не може да донесе играч бидејќи тоа му штети на интересите на нашиот клуб. Тој го прави токму тоа, им штети на интересите на Барселона“.

Сепак, факт е дека Барселона се уште не може да ги регистрира Франк Кеси и Андреас Кристенсен, играчи кои дојдоа во клубот без обештетување.

За да го направи тоа мора да продаде дел од играчите од актуелниот ростер.

„Мундо Депортиво“ пишува дека по оваа објава на претседателот на Ла Лига, Левандовски му се јавил на менаџерот, Пини Захави. Побарал детално да се информира за она што го зборувал првиот човек на Ла Лига. Овој медиум додава дека Левандовски наеднаш се оладил од Барса откако го прочитал објаснувањето на Тебас.

Scroll to Top