Американката Коко Вандевеге го стартуваше ВТА Елит трофејот во кинескиот Жухаи со драматична победа над домашната фаворитка Пенг Шуаи со 3:6/6:3/6:2 во првиот од натпреварите по групи.
Елит трофејот е „второлигашки“ турнир за најдобрите 20 тенисерки кои не настапија на ВТА финалето во Сингапур, кое заврши во неделата.
Вандевеге, двократна гренд слем полуфиналистка загуби само пет поени на свој сервис во одлучувачкиот сет, откако претходно се намачи со кинеската Пенг, која на турнирот настапува со вајлд-карта.
„Денеска морав да преживувам. Не играв многу добро, но ова е крајот на сезоната и сите сме уморни“, вели Вандевеге.
Четвртата носителка, Русинката Анастасија Пављученкова стартуваше со 6:3/3:6/6:2 победа над поранешната светска тенисерка број 1, Анџелике Кербер, додека Германката Јулија Гергес со 6:1/7:6(5) ја победи словачката тенисерка, Магдалена Рибарикова.