Манчестер јунајтед се подготвени да го продадат Французинот Антони Марсијал ова лето, но само ако прво успеат да го донесат во клубот хрватскиот напаѓач на Интер, Иван Перишиќ, за кого се заинтересирани подолго време, јавува „Мирор“.
Јунајтед би го пуштиле Марсијал, кој е незадоволен од слабата минутажа за најмалку 70 милиони фунти, и тоа на клубови надвор од Премиер лигата. 22-годишниот Французин ја напушти американската турнеја на Јунајтед за да присуствува на раѓањето на своето второ дете, зголемувајќи ги шпекулациите дека завршил со клубот од „Олд Трафорд“.
Пари Сен-Жермен и Баерн Минхен се два клуба кои го посакуваат Марсијал, и тој би преферирал да се врати во Париз, каде што неговата партнерка Мелани да Круз се породи.
Од друга страна, Жозе Мурињо се обиде да го добие Перишиќ минатото лето за 40 милиони фунти, но оттогаш Хрватот потпиша нов договор со Интер, а успешниот настап со Хрватска на СП во Русија, ја крена неговата цена на околу 60 милиони фунти.
За договор има малку време, бидејќи преодниот рок во Премиер лигата оваа година завршува на 9 август.