Антонио Конте вели дека неговиот Тотенхем оди во „вистинска“ насока со потребните засилувања, но ги предупреди фановите со примерот на минатогодишниот тим на Манчестер јунајтед за амбициите за премиерлигашката титула.
Тотенхем купија шест нови фудбалери за над 100 милиони фунти, вклучувајќи ги Ришрлисон, Ив Бисума и Иван Перишиќ, а Конте претходно инсистираше дека дојде во лондонскиот клуб за најголемите трофеи. Сепак, тој го посочи примерот на Манчестер јунајтед за да опише колку е тешко да се победат Ливерпул и Манчестер сити. Запрашан дали Тотенхем може да ја намали разликата од најдобрите два англиски клуба, тој беше јасен.
„Го заборавивте Челси и тоа е голема, голема грешка. Зборуваме за тим кој пред две години ја освои Лигата на шампиони. Зошто Челси не е во оваа група на големи тимови? Секогаш мора да сметате на нив. А тука е Јунајтед. Во фудбалот не секогаш еден плус еден е два. Јунајтед лани беа шести и покрај тоа што ги добија Џејдон Санчо, Кристијано Роналдо и Рафаел Варан, а пред две сезони беа втори. Тие купија играчи да ја освојат лигата и завршија како шести. Знаеме колку е тешка англиската лига и затоа целта е да бидеме подобри од лани. Ако ме прашувате за Сити и Ливерпул, тоа се два од најдобрите клубови на светот и работат со ист тренер седум години. Затоа е тешко да се намали разликата, но мора да се направи тоа. Ние ќе потрошиме 100 милиони фунти за шест фудбалери, а тие ќе одат и ќе купат еден или два за 100 милиони. Тоа е разликата. За да си силен тим треба да имаш стабилност и визија. Затоа одиме чекор по чекор“, вели Конте.