Носителот на трофејот во Лигата на шампионите, Реал Мадрид, вечерва (21 часот) ќе се соочи со победникот во Лигата на Европа, Ајнтрахт Франкфурт, на Олимпискиот стадион во Хелсинки, во пресметката за Суперкупот на УЕФА. „Кралевите“ го совладаа Ливерпул на „Стад де Франс“ и по 14. пат се искачија на кровот на Европа, додека „орлите“ го победија Глазгов Ренџерс на пенали и го освоија вториот европски трофеј во клупската историја.
Реал и Ајнтрахт ќе се сретнат само вторпат. Првата и единствена досегашна пресметка меѓу двата тима беше во финалето на КЕШ во 1960 година, кога „кралевите“ победија со 7:3.
За Реал Мадрид ова ќе биде осми настап во меч за Суперкупот на УЕФА. Досега има четири победи и три порази на овие натпревари. Само Милан и Барселона имаат освоено повеќе вакви трофеи – по пет.
Ајнтрахт ќе дебитира во Суперкупот.
Реал Мадрид одигра само три пријателски натпревари, а тимот на Карло Анчелоти се уште се подготвува за новата сезона. Во првиот дуел „белите“ загубија со 0:1 од големиот ривал Барселона во Лас Вегас. Реал потоа ремизираше 2:2 со Клуб Америка, а на самиот крај на јули Карим Бензема и друштвото го победија Јувентус со 2:0.
Ајнтрахт Франкфурт веќе ја започна новата сезона во Бундеслигата, но првиот меч беше катастрофален – пораз од шампионот Баерн Минхен со 1:6 на домашен терен. Сепак, германскиот тим верува дека може да покаже поинакво лице против Реал Мадрид на вечерашниот супер-дуел во Хелсинки.