Седумкратниот Ф1 шампион, асот на Мерцедес, Луис Хамилтон призна дека бил виновен за судирот со Фернандо Алонсо во првиот круг на Белгиското ГП, и не му се лутеше на Шпанецот, кој преку радио го нарече „идиот“ кој знае да се трка само кога стартува прв.
Хамилтон се обидуваше да врати позиции во хаотичниот старт на трката, и го помина Алонсо, пред да не му остави простор на возачот на Алпин, и потоа речиси да го преврти својот болид. Поради оштетувања на болидот, тука заврши трката за Хамилтон.
„Гледајќи ја снимката, тој беше во мојата ‘слепа’ точка и не му оставив премногу простор. Тоа беше моја грешка. Ќе се вратам посилен“, изјави Хамилтон за „Скај спортс“.
Алонсо немаше добри коментари за својот поранешен тимски колега, но Хамилтон не се лути.
„Не би сакал да го коментирам тоа. Имавме различни резултати во нашите кариера, а такви работи се кажуваат во жештината на моментот“, додаде Хамилтон.
Британецот исто така доби официјално предупредување од ФИА, откако одби да го посети медицинскиот центар по инцидентот. Според правилата, секој возач е задолжен да се пријави во медицинскиот центар за проверка по инцидент кој ќе биде забележан од Г-сензорите во болидот.
„Ова не е првпат оваа сезона возачите (не Хамилтон) да одбијат да одат на меицински проверки. Стјуардите овојпат даваат само предупредување кое треба да биде потсетник за сите возачи дека во иднина може да се преземе и посериозна казна“, се вели во објавата на ФИА.
Алонсо и Хамилтон со инцидент на стартот во Спа – овој идиот знае да вози само кога е прв!