Килијан Мбапе одби да им се придружи на соиграчите во заедничката фотосесија на француската репрезентација закажана за вторник. Ова не е првпат напаѓачот на Пари Сен Жермен да одбие ваква форма на послушност кон федерацијата. Тоа е само продолжение на приказната за борбата што ја води против одредени спонзори и условите под кои беа договорени маркетиншките права на играчите.
Француската фудбалска федерација долго време не ги менува тие услови и Мбапе одлучи да го продолжи бојкотот за кој исто така беше објавено во март, кога беше истакнато дека тој и некои од неговите соиграчи сакаат нови преговори. Неговиот имиџ на една од најголемите ѕвезди на репрезентацијата се користи почесто од некои други за маркетиншки цели, а тој одбива да учествува во нив под исти услови како и досега. Исто така, одбива да рекламира некои брендови.
Претходно се пишуваше дека Мбапе има некои свои идеи за тоа како треба да се дели заработката на националниот тим, а тие се различни од праксата што ја спроведува Федерацијата. Тогаш беше потенцирано дека се бара решение, но и дека куќата на францускиот фудбал бара соодветен начин да реагира на непокорот на својата ѕвезда.