Топспорт во Тбилиси,
Никола Ѓуровски
Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) и гостува на Грузија во претпоследниот меч од годинашното издание во Лигата на нации. Селекторот Благоја Милевски се соочува со многу проблеми, но, сепак, кај него и фудбалерите не изостанува оптимизмот дека може да се оствари позитивен резултат на ова гостување.
„Имаме проблеми со повреди, тоа е факт, но не сакам да размислувам за сите што ги нема во овој момент. Имаме квалитет, потенцијал, да одиграме добар натпревар и се надеваме на поволен исход. Ова е шанса за некои од помладите фудбалери, верувам дека ќе ја искористат. Ако не мислевме дека можеме да победиме, верувајте дека немаше ни да дојдеме овде“, истакна селекторот Благоја Милевски.
Нема неколку клучни фудбалери, пред се капитенот Стефан Ристовски и Аријан Адеми. Отсутен е и Дарко Чурлинов, а иако се во Тбилиси, неизвесни за настап се Александар Трајковски поради болест и Дарко Велковски поради повреда.
„Македонија е колектив, тие што ќе истрчаат на теренот сигурен сум дека ќе го дадат максимумот“, дополнува селекторот Милевски.
Стадионот на Динамо Тбилиси ќе биде исполнет до последно место, со оглед дека веќе два дена билетите се распродадени. Се очекува Грузија да има поддршка од 55.000 навивачи, а главен судија е Словакот Иван Кружлиак.