Директорот на „Франс Фудбал“, Паскал Фере, изјави дека не сака да прогнозира кој ќе ја добие „Златната топка“ за најдобар фудбалер во светот.
„Франс Фудбал“, оваа награда ја доделува од 1956 година, а прв фаворит за „Златната топка“ е францускиот напаѓач на Реал, Карим Бензема.
Фере тврди дека зад Бензема стои моќен клуб, кој „знае да организира кампања“….
„Флорентино Перез добро ги организира кампањите, на тивок начин, да не може никој да го нападне, се што прави е легитимно. Кампањата не одлучува кој ќе победи, но може да направи некој да се чувствува како губитник. Стратегијата на Реал е да поддржи еден играч. Со години тоа беше „Кристијано Роналдо, а сега е Карим Бензема. Тоа спречува да гласови да одат на повеќе страни. Тие знаат како функционира ова. Не случајно тој клуб освои најмногу награди“, рече Фере.
За прв пат во последните 15 години меѓу кандидатите за оваа награда го нема аргентинскиот фудбалер Лео Меси кој доби седум Златни топки.
„Тоа е гигантски настан во историјата на Златната топка. Нагласувам дека Златната топка е Меси, Меси е Златната топка. Неговиот рекорд ќе биде тешко да се достигне, тој е персонификација на топката, бидејќи ги спојува индивидуалните и колективните вредности, но и долговечноста. Во 2019 година ми рече дека го заборавил чувството на задоволство од победата и дека сфатил дека тоа му недостасувало. Во 2021 година имав впечаток дека разговарам со дете“, изјави директорот на „Франс фудбал“.
Тој истакна дека Златната топка не може да се купи.
„Оваа награда им е многу важна на Меси и Роналдо. Златната топка е една од ретките работи што не можат да се купат. Ги прави скромни пред ваквата награда, ги прави деца“, додаде тој.
Фере тврди дека бројни фудбалски стручњаци истакнуваат дека сега постои големо ривалство меѓу Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд.
„Но, ниту еден од нив не ја освои Лигата на шампионите. На возраст на која сега е Мбапе, Меси веќе имаше две Златни топки. Ако сакаат да воспостават слично ривалство, треба да освојуваат големи трофеи. На Меси и Роналдо не им требаше толку време. “, рече Фере и призна дека му е жал што Роберт Левандовски, Чави и Андрес Иниеста не ја освоиле Златната топка.