Пристигна на „Ноу Камп“ како спасител, а според медиумите клубот веќе е во потрага по негов наследник. Чави Ернандез, легендарниот играч за врска на Барселона, се врати во својот матичен клуб од Катар за да му ја врати славата како тренер, но засега не оди според планот и покрај огромните инвестиции.
Каталонскиот гигант се задолжи за да донесе големи ѕвезди како Роберт Левандовски, Рафиња и Жил Кунде, но и со нив не успеа да ја мине групата од Лигата на шампионите во која беа Баерн, Интер и Викторија Плзен.
На Чави не му оди баш најдобро и во домашното првенство, по поразот во „Ел Класико“, јасно е дека Реал Мадрид се уште е пред Барселона и е фаворит за титулата.
Затоа Барселона веќе размислува за можните наследници на Чави. Како што изјави Жота Џорди во популарното телевизиско шоу „Ел Чирингито“, еден од кандидатите за нов тренер на Барселона е актуелниот шпански тренер Луис Енрике, кој претходно успешно ги водеше Каталонците.
Во клубот наводно биле разочарани од она што го игра Барселона под водство на Чави. Особено биле разочарани од изданието против Баерн Минхен.
Секако, 42. годишниот стручњак нема веднаш да биде отпуштен, но претседателот Жоан Лапорта и неговите колеги сакаат да бидат подготвени за едно такво сценарио.
Енрике (52) осум години ја предводеше Барселона со која како тренер освои девет трофеи.
Луис Енрике во моментов е целосно фокусиран на настапот на Шпанија на Мундијалот во Катар. Сепак, доколку Чави не успее да најде излез од темниот тунел во кој се најде неговиот тим, не е исклучено Лапорта да го сврти бројот на Енрике.
Енрике наводно не е единствениот тренер кој би можел да го наследи Чави. Според медиумите на Пиринеите, на листата на тренерски желби на Барселона се и поранешниот менаџер на ПСЖ и на Челзи, Томас Тухел и стратегот на Ривер Плата, Марсело Гаљардо.