Арсенал на Микел Артета уште еднаш покажаа дека оваа сезона се сериозен ривал на Манчестер сити за англиската титула, откако на „Емирати“ ги прегазија Нотингем форест со 5:0 за враќање на првото место на табелата.
Мечот започна со групна фотографија и порака до Пабло Мари, фудбалерот на Арсенал кој игра на позајмица во италијанска Монца и кој во петокот беше избоден во супермааркет во близината на Милано. По само пет минути игра, Букајо Сака му асистираше на Габриел Мартинели, кој ги донесе „топчиите“ во водство. Мала грижа на Артета, но и на англискиот селектор беше повредата на Сака, кој мораше да биде заменет во 20-тина минути игра.
Победникот на мечот го реши фудбалерот кој влезе на местото на Сака, Реис Нелсон, кој погоди во 49. и 52. минута, користејќи ја катастрофалната реакција на одбраната на Форест за водство од 3:0. Ова не му беше доволно, па во 57. минута се запиша и како асистент, додавајќи му на Томас Парти за 4:0. Тука не беше крајот – Мартин Едегард во 77. минута постигна фантастичен гол за „петарда“.
Арсенал сега имаат 31 поен на врвот на табелата, три повеќе од Манчестер сити и шест пред Тотенхем, додека Нотингем остануваат на последното место на табелата со 9 поени по 14 меча.