Реал Мадрид одигра фрустрирачки 1:1 против Џирона во тежок меч на „Сантијаго Бернабеу“ во кој навивачите на „кралевите“ сметаа дека се оштетени, откако гостите израмнија со гол од пенал, а на Реал им беше поништен гол во 90. минута, а Тони Крос доби црвен картон.
Тешкото попладне во Мадрид почна со прво полувреме без голови, а по 20 минути во второто без Карим Бензема во составот, Реал немаа удар на голот на противникот.
„Нулата“ ја „разби“ Винисиус Жуниор во 70. минута со гол по асистенција на одличниот Феде Валверде, но славјето во тимот на Карло Анчелоти траеше десет минути откако беше досуден пенал за Џирона, а Кристијан Стуани сигурно го реализираше. Нервозата кај „кралевите“ порасна во 90. минута, кога голот на Родриго беше поништен поради офсајд, а Тони Крос потоа доби втор жолт картон. И покрај деветте минути продолжение, Реал не успеа да стигне до гол и три поени.
„Лос бланкос“ остануваат лидери во Ла лига со 32 поени, но сега само поен пред Барселона, додека Џирона се на 16. место со 10 освоени поени.