Пол Погба веќе се договорил за личните услови со Барселона, каде што би заработувал 350.000 фунти неделно, и им соопштил на шефовите на Манчестер јунајтед дека сака да замине, јавува британскиот таблоид „Дејли мејл“.
Според весникот, неговиот агент, Мино Рајола му соопштил на директорот на клубот Ед Вудворд дека желбата е да се игра за Барселона, а Жозе Мурињо е „среќен“ да го продаде 25-годишниот Французин по сите конфликти минатата сезона. Клубот пак, од друга страна не сака да го продава Погба, посебно за сума од 50 милиони фунти плус дополнителни играчи за Јунајтед.
Според „Мејл“, Погба е несреќен под Мурињо по минатата сезона, а посебно е лут што не добил пофалби за настапите на СП со победничка Франција, успех што Мурињо го искористи да му порача дека „треба истото да го покаже и за Јунајтед“.
Останува да се види дали во оваа шпекулација на „Дејли мејл“ има вистина, а тоа ќе се дознае набргу – преодниот рок во Англија завршува утре.