Лошиот период за Атлетико Мадрид за малку ќе станеше катастрофален, откако тимот на Диего Симеоне едвај избегна пораз од Еспањол на домашен терен, иако гостите од 23-тата минута беа со играч помалку.
По елиминацијата од сите европски натпреварувања по 2:2 ремито со Баер Леверкузен и поразот на гости кај Кадиз од 3:2, „рохибланкос“ се надеваа дека со победа над ривалот од Барселона ќе се врати самодовербата на „Метрополитано“. Надежите се зголемија откако во 23. минута од мечот Леандро Кабрера доби директен црвен картон за да ги остави домаќините со теренска предност.
Но, наместо тоа да донесе водство, Атлетико во 62. минута беше во негатива по голот на Серхи Дардер. Поен за Симеоне донесе фудбалерот со кого наводно е во конфликт и кој може да биде поставен на продажба, Жоао Феликс, кој влезе како замена во 66. минута за во 79. минута да израмни по асистенција на Томас Лемар.
Атлетико останувааат на третото место со 24 поени, сега големи 10 поени зад лидерот Барселона, додека Еспањол се на 16. место со само 12 освоени поени.