Поранешниот фудбалер на Арсенал и освојувач на СП во 1998 со Франција, Емануел Пети ги предупреди луѓето во француската репрезентација да го „зауздаат егото“ на Килијан Мбапе пред Мундијалот, бидејќи тој „сака да биде број 1 како Кристијано Роналдо“.
Мбапе веќе има еден Мундијал со Франција откако во Русија во 2018 година стана ѕвезда, но на Еуро 2020, тој го утна клучниот пенал против Швајцарија во осминафиналето и Пети смета дека 23-годишниот напаѓач на ПСЖ има потенцијал да биде „пречка“ во тимот во Катар.
„Кога Франција загуби од Швајцарија, имаше расправии меѓу играчите, дури и на трибините меѓу нивните семејства. Расправии за слободни удари, пенали, фаули… Сфаќам дека Мбапе е голем фудбалер со вистински вештини и квалитети и дека сака да биде број 1 како Кристијано Роналдо. Но, исто така мора да сфати дека неговата амбиција не смее да биде проблем за тимот. Наместо тоа, треба да помогне да се остварат целите и да сфати дека треба да служи на тимот. Може да има големо его, тоа не пречи, потребно е да се освојуваат големи турнири, но во соблекувалната може да настане проблем, ако секогаш е: ‘Јас, јас, јас!’“, вели Пети.