Јирген Клинсман, легендарниот германски фудбалер и поранешен селектор на германската репрезентација, ќе го коментира Светското првенство за британскиот јавен сервис Би-би-си. Во својот прв текст за Британците, Клинсман откри кои му се фаворитите во Катар.
„Главното прашање пред Мундијалот секогаш е: Кој ќе го освои? Како фаворити ги гледам Бразил и Аргентина. Двете репрезентации имаа квалитетни настапи во квалификации“, рече Клинсман, кој во 2006 година ја предводеше Германија на СП, а осум години подоцна и селекцијата на САД.
„Лионел Меси е движечката сила на Аргентина. Тој има 35 години и знае дека ова е неговата последна шанса да ја освои титулата. Бразил има квалитет на секоја позиција. Ги гледав Бразилците многу во претходните години и бев импресиониран. Тие доаѓаат во Катар за да го освојат Светското првенство и мислам дека ќе успеат“.
Светското првенство во Катар почнува в недела со натпреварот меѓу домаќинот и Еквадор.