Англија за еден час ќе го почне својот настап на Светското првенство во Катар. Иран ќе им се спротивстави на Англичаните, во првиот натпревар во Б-групата.
Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, го откри составот во кој своето место го најде и Хари Мегваер.
Саутгејт се реши за 4-3-3 формација со Пикфорд на голот, Трипие Стонс, Мегваер и Шо во одбраната, Рајс, Белингем и Маунт во редот за врска и Сака, Стерлинг и Кејн во нападот.
Она што е јасно пред почетокот на мечот е дека капитенот Кејн нема да ја носи лентата во боите на виножитото. Англија, но и останатите осум европски селекции се откажаа од шарената лента откако ФИФА им се закани со остри казни.
Сепак, како што откри Саутгејт, фудбалерите ќе испратат порака пред почетокот на мечот. Тој потврди дека играчите на Англија ќе клечат пред почетокот на натпреварот против Иран.
„Разговаравме и решивме дека треба да клекнеме, долго време како тим се бориме за тоа. Веруваме дека тоа е силна порака која ќе го обиколи светот“, рече селекторот на Англија.