Top Sport

Роналдо доби два меча суспензија од ФА на Англија

Кристијано Роналдо вчера го раскина договорот со Манчестер Јунајтед, а денеска ја дозна казната изречена од Англиската фудбалска асоцијација (ФА) за инцидентот на натпреварот против Евертон на „Гудисон Парк“. Доколку некогаш повторно заигра во Премиерлигата, 37-годишниот Португалец ќе мора да ги пропушти првите два натпревари, а сумата од 50.000 фунти секако ќе треба да ја плати на ФА.

По споменатиот натпревар, одигран на 9 април, во кој Евертон го совлада Манчестер Јунајтед, Роналдо додека го напушташе теренот му го оттргна мобилниот телефон од рака на млад навивач на противничкиот клуб. Полицијата на Ливерпул покрена истрага за инцидентот, а Португалецот ден потоа му се извини на 14-годишното момче, окарактеризирајќи го неговото однесување како непримерно.

„Не е лесно да се соочиш со чувствата во такви тешки моменти. И покрај се, би морал да покажам почит и трпение и да бидам пример за младите кои ја сакаат оваа игра“, напиша тогаш Роналдо.

Во процесот на донесување одлуки, независната комисија заклучи дека однесувањето на Роналдо е несоодветно и насилно и наложи дисциплинска постапка.

Scroll to Top