Шпанија намерно загуби од Јапонија за да го избегне потенцијалното четврт-финале против Бразил, тврди мексиканската легенда на Реал Мадрид, Уго Санчез, кој самиот трипати беше дел од Светското првенство. Шпанија по шокантниот 2:1 пораз од Јапонија го освои второто место во својата група и ќе игра со Мароко во осминафиналето, додека Јапонците како првопласирани се судираат со Хрватска.
„Ве уверувам дека Шпанија го очекуваше овој резултат. Не сум таму и не сум во умот на Луис Енрике, но тој сигурно размисли кој е најдобриот начин да се избегне Бразил во четврт-финале. Постои ризик, но тоа е ризик кој вреди да се направи. Не дека се плашат од Бразил, туку вистински го почитуваат. Секако, тоа нема никогаш да го признаат. Тренерите никогаш не велат: ‘Дај да ги пуштиме да победат’“, изјави Санчез.