Еден Азар, на социјалните мрежи, објави дека повеќе нема да игра за Белгија. Еден од најдобрите белгиски играчи на сите времиња го одигра последниот натпревар за репрезентацијата во 3. коло од групата Ф на Светското првенство против Хрватска.
Натпреварот заврши без голови, со тој резултат Белгија испадна од турнирот, а Хрватска се пласира во нокаут фазата.
„Отворам нова страница. Ви благодарам за сета љубов, поддршка и среќа што ги споделуваме од 2008 година. Решив да ја завршам мојата меѓународна кариера бидејќи е време за нови лица. Ќе ми недостигате момци”, напиша на „Инстаграм“, 31. годишниот Азар.
Азар дебитираше за националниот тим во 2008 година на пријателскиот натпревар против Луксембург. Оттогаш за Белгија одигра 126 натпревари и постигна 33 гола.
Со Де Брујне, Лукаку и други ѕвезди ја формираше најсилната белгиска генерација во историјата која не освои ништо. Најдалеку стигна на Светското првенство во Русија пред четири години, кога во полуфиналето загуби од Франција со 1:0 и на крајот го освои третото место.
View this post on Instagram