Португалскиот фудбалски сојуз остро ги демантираше пишувањата на еден од највлијателните медиуми во земјата „Рекорд“, дека Кристијано Роналдо му се заканил на селекторот Фернандо Сантош дека ќе го напушти репрезентативниот камп во Катар.
Португалскиот селектор ги шокираше сите со одлуката, Роналдо, натпреварот против Швајцарија да го почне од клупата за резерви. „Рекорд“, објави дека Роналдо се заканил дека ќе си замине од Катар кога селекторот му ја соопштил својата одлука.
„Во вестите објавени денеска се тврди дека Кристијано Роналдо во разговор со селекторот Фернандо Сантош се заканил дека ќе ја напушти португалската репрезентација и ќе го напушти Катар. Португалскиот фудбалски сојуз сака да појасни дека капитенот на нашата репрезентација никогаш не се заканувал дека ќе го напушти Катар“, стои во соопштението.
„Секој ден што Роналдо го минува во репрезентацијата е уникатен во однос на нивото на посветеност и професионализам што го покажува, неговата посветеност кон репрезентацијата никогаш не била доведена во прашање. Својата посветеност ја покажа на натпреварот со Швајцарија. Сите сме фокусирани ова да биде најдоброто Светско првенство во историјата на Португалија“.
Португалија, во сабота од 16 часот, против Мароко ќе се бори за пласман во полуфиналето на Светското првенство.