Бразилскиот селектор Аденор Леонардо Баки, попознат како Тите, потврди дека се повлекува од позицијата по шокантниот пораз од Хрватска во четврт-финалето на Светското првенство во Катар.
61-годишниот Тите ја презеде позицијата во 2016 година и со Бразил стигна до титулата од Копа Америка во 2019 година, но во двата настапи на Светските првенства, во Русија во 2018 и во Катар оваа година, беше елиминиран во четврт-финалето. Тој и пред стартот на Мундијалот најави дека ова му е последната работа.
„Многу е тешко во моментов. Циклусот заврши и го кажав тоа уште пред година и пол. Ми беше потребно да имам достапен целосен циклус и да ги следам моментите. Дали оставам нешто во репрезентцијата? Времето ќе го покаже тоа“, изјави Тите.
Во 81 меча на кормилото на Бразил, тој стигна до 61 победа, а имаше само 7 порази.