Top Sport

„Граѓаните“ одбраната на круната ја почнаа шампионски (видео)

Манчестер сити ја започна одбраната на трофејот од Премиер лигата со победа на гости кај обновениот Арсенал од 2:0, покажувајќи уште на стартот дека конкуренцијата добро ќе треба да се испоти да ги симне момците на Пеп Гвардиола од врвот.

Сити дојдоа во водство во 14. минута преку оспоруваниот Рахим Стерлинг, кој се прошета пред шестнаесетникот на „топчиите“ за лесно да го совлада Чех, кој очигледно немаше најдобар преглед на ситуацијата.

Победата беше осигурана во 64. минута од мечот, кога Бернардо Силва доби убава топка од Бенжамин Менди за со силен удар да го победи немоќниот Чех.

Арсенал имаа неколку добри шанси, преку Ектор Белјерин во првото полувреме и двапати преку Александар Лаказет, а во 68. минута бараа пенал откако Мустафи беше соборен во шестнаесетникот. Сити, сепак, заслужено стигна до победата, бидејќи речиси секоја ситуација пред голот на Арсенал беше опасна.

За Арсенал ова беше прв меч во Премиер лигата со новиот тренер, Унаи Емери, кој пред некој ден призна дека „топчиите“ не можат да се надеваат на титула оваа година, туку дека само градат тим за иднина.


Scroll to Top