Поранешниот шпански селектор Луис Енрике повторно гостуваше во стрим на Твич каде одговараше на прашања и зборуваше за Светското првенство во Катар. Шпанија, настапот на Мундијалот го заврши во осминафиналето.
Шпанците разочраа во Катар, забележаа само една победа, над Костарика, одиграа нерешено со Германија и загубија од Јапонија. Во осминафиналето, не успеаја да го преживеат пенал-рулетот против Мароко.
Запрашан дали повторно би патувал со истите 26 играчи во Катар, тој рекол дека би направил една промена.
„Од 26. фудбалери што ги одведов на Светското првенство, би изоставил еден, би земал друг на неговото место. Можам да го кажам ова сега, но нема да кажам кого би избришал или кого би земал на неговото место. Постои еден играч кој не ми се допадна поради она што го видов“, рече Енрике.
Тој проговори и за најголемото изненадување на овој Мундијал.
„Вау. Мароко. Имаат четворица многу добри фудбалери“.
Луис Енрике, потврди дека повторно ќе работи како клупски тренер. Доколку не најде ништо во меѓувреме, вели дека ќе го почека почетокот на новата сезона.
Инаку, Луис Енрике, уште пред Светското првенство се поврзува со Атлетико Мадрид.