Аргентинскиот кошаркарски репрезентативец и до неодамна НБА играч Факундо Кампацо кариерата ќе ја продолжи во Црвена Звезда, иако имаше понуда од Реал Мадрид за кого настапуваше пред да замине во НБА. Белградскиот клуб на 31-годишниот плејмејкер висок 178 сантиметри ќе му плати 1,8 милиони евра за остатокот од оваа сезона и 2,5 милиони за следната.
Тоа е исклучително висока сума за европската кошарка, на која ретко кој клуб може да и парира, а во овој случај не успеа ниту Реал Мадрид.
Црвена звезда и Партизан како евролигаши имаат неспоредливо поголем буџет од сите други клубови од АБА лигата, а оваа вест го поттикна хрватскиот тренер Александар Петровиќ да побара белградските клубови да се повлечат од регионалното натпреварување.
„Мислам дека е време Звезда и Партизан да ја напуштат АБА лигата, бидејќи со овие буџети кои се во најмала рака неспоиви со овие области, логично е тие да бидат постојани учесници во Евролигата, а АБА лигата да се сврти кон тоа што беше на почетокот, развојна лига за млади играчи“, напиша Ацо Петровиќ на Твитер.