Американската скијачка Микаела Шифрин победи на велеслаломската трка од Светскиот куп во Земеринг, Австрија.
Шифрин на тој начин забележа две победи за два дена, а славеше со вкупно време од 2:03,51 минути.
Таа ја забележа 79. победа во кариерата и се доближи до сонародничката Линдзи Вон која има три победи повеќе. Најмногу триумфи во Светскиот куп има легендарниот шведски скијач Ингемар Стенмарк, кој победи 86 пати.
Второто место и припадна на Швајцарката Лара Гут-Бехрами, која заостана 0,10 секунди зад Шифрин, додека на третото место се најде Италијанката Марта Басино (+0,47).
Во генералниот поредок на велеслалом води Басино со 300 бодови, втора е Шифрин со 260, а трета е Словачката Петра Влхова со осум бодови помалку.
Во генералниот пласман прва е Шифрин со 775 бодови, на второ место е Италијанката Софија Гоџа со 470, додека Влхова е трета со 456 бодови.
Скијачките утре во Земеринг ќе возат слалом.