Познатиот и контроверзен шпански фудбалски судија Антонио Матеу Лахоз планира да се пензионира на крајот на сезоната, откако беше под огромни критики по мечевите на СП во Катар, но и во шпанската Ла лига. По сите овие контроверзи, шпанските фудбалски власти решија да го „одморат“ за мечевите овој викенд, и споре новинарот Гастон Едул, ова го предизвикало Лахоз да се повлече од спортот.
45-годишниот судија направи повеќе контроверзни потези во четврт-финалето на СП помеѓу Аргентина и Холандија, кога постави рекорд по бројот на жолти картони во еден меч на Мундијалите. Тој беше критикуван од двете репрезентациии, а дури и Лионел Меси порача дека тој „не е дораснат“ за такви мечеви.
Враќањето во шпанскиот фудбал не помина подобро, тој постави уште еден рекорд по бројот на картони во меч од Ла лига во дуелот помеѓу Барселона и Еспањол (1:1), а потоа му даде црвен картон на тренерот на Севилја, Хорхе Сампаоли по само 17 минути од мечот од Копа дел реј против Линарес.