Светската фудбалска федрација (ФИФА) со новите фудбалски регулативи ќе се обиде да донесе појаснување на „матните“ работи при трансферите на играчите, ограничувајќи ги сумите кои фудбалските агенти ќе можат да ги добијат. Новите правила, во кои ќе има и испит за агентите, како и задолжително објавување на листата на своите клиенти ќе стапат на сила веќе во понеделник.
„Новите регулативи воведуваат основни стандарди за фудбалски агенти и нивните клиенти, вклучувајќи задолжителен лиценцен систем, забрана за повеќекратно претставување за да нема конфликт на интереси и ограничување на агентските провизии, со цел за заштита на интегритетот на трансфер-системот и добивање на поголема финансиска транспарентност“, велат од ФИФА.
Во декември, ФИФА објави дека фудбалските агенти заработиле неверојатни 623 милиони долари, зголемување од 24 отсто од 2021 година.
Како пример за преголемата улога на агентите е таа на покојниот Мино Рајола, кој заработи 27 милиони евра од Јувентус за трансферот од 105 милиони евра на Пол Погба во Манчестер јунајтед во 2016. Рајола доби дополнителна сума од играчот и новиот клуб.
Провизијата на агентите ќе биде ограничена на 3 отсто кога ќе застапуваат играч и 6 отсто доколку постои заедничко претставување на фудбалерот и неговиот иден клуб. Заработката на агентите ќе биде ограничена на 10 отсто ако го застапуват клубот кој продава. ФИФА исто така ќе ги објави јавно листите на клиенти, должината на договорите, како и детали за сите трансакции.